Околу 7.000 компании досега аплицирале за владините мерки, истакна денеска на прес-конференција министерката за финансии, Нина Ангеловска. Најголем интерес има за мерката за финансиска поддршка од 14.500 денари по вработен за која аплицирале околу 5.000 компании досега, а исто така има интерес и за бескаматните кредити на Развојната банка, како и за ослободување од исплата на аконтации за данок на добивка.

„Согласно податоците на Управата за јавни приходи, веќе околу над 1.000 субјекти, компании и вршители на дејност ја искористиле мерката за ослободување од аконтации, и тоа над 680 компании аплицирале за ослободување од аконтации од данок на добивка и околу 380 самостојни вршители на дејност за ослободување од аконтации од данок на личен доход.

„Понатаму, првата линија од оние бескаматни кредити линии коишто беа лансирани речиси се искористи, со што над 630 компании или точно 631 компанија, коишто вработуваат 5.600 вработени, добија одобрени бескаматни кредити, во износ од 4,7 милиони евра. Оваа линија имаше навистина голем интерес, па веќе втората линија од 8 милиони евра беше пуштена на 29 април и за истата само на 29 април веќе имаше доставени 600 апликации од компании“, рече Ангеловска.

Таа посочи дека за најобемната мерка во износ од 100-120 милиони евра за финансиска поддршка од 14.500 денари по вработен, за која аплицирањето било пуштени во петокот – заклучно денеска до утрово, има поднесено над 5.000 апликации од компании за само два дена во тек на викендот. Од нив 4.000 апликации се веќе обработени и одобрени.

„Беше лансиран навистина значаен пакет мерки. Со користењето на оваа најобемна мерка, којашто се однесува за сите, којашто треба да им помогне и ликвидоносно да ги заштити работните места, допрва очекуваме да заврши процесот на апликации, да имаат пополнети мпин-обрасци, да кажеме за колку вработени се однесува и веќе од 10 мај да почнат исплатите, односно да се исплаќа финансиската поддршка кон фирмите. Ако сè ова го имаме предвид, можеме да кажеме дека приближно 7.000 компании ги користат или ќе ги користат овие мерки или аплицирале за мерките од првиот и вториот сет економски мерки“, рече Ангеловска.