СДСМ преку невладините организации кои ги полни со пари пред избори сака да плаќа владини реклами, да дели поткуп на фирми и граѓани и сето тоа со државни пари преку таканаречениот невладин сектор, обвинија од ВМРО-ДПМНЕ и побараа да се поништи огласот за финансирање на невладиниот сектор.
“СДСМ со овој проект, како прв приоритет на Владата нотира дека е информирање на јавноста за мерките и препораките на државните институции за спречување на ширењето на корона вирусот ковид-19, што всушност подразбира: Активности за информирање на јавноста за следење на препораките на министерството за здравство, особено важноста на придржувањето кон мерката за самоизолација и задолжително носење на заштитна опрема на лицето. Ова значи дека власта директно преку НВО сака да плаќа владини реклами. Ова е класична злоупотреба. За што станува збор? Се работи за вкупно 30.000.000 денари, и како единствен услов за аплицирање е НВО субјектот да е регистриран како невладина организација и да приложи само тековна состојба од Централниот регистар. Тоа е единствената потребна документација што доволно кажува за сомнителниот карактер на огласот и нечесните намери на власта“, рече Иванка Василевска.
Според ВМРО-ДПМНЕ владиниот проект е обид за предизборен поткуп со државни пари.
„Ова претставува класичен, масовен поткуп во пресрет на претстојните парламентарни избори. Поткупот е насочен и кон стопанството. Владата со оваа програма признава дека мерките за помош на стопанството се намерно димензионирани како непрактични, за отпосле преку невладини организации да даваат помош на кого сакаат, а не на секој, како што тоа треба да биде доколку истата се дели преку институциите на системот. Ние како ВМРО-ДПМНЕ, во оваа прилика ви укажуваме само на неколку, но самиот оглас изобилува со крајно нечесни, бесмилени, коруптивни и манипулативни видови на проекти за кои ќе бидат потрошени приближно пола милион евра буџетски пари. Зарем ова не е потценување на интелигенцијата и деградирање на сопствениот народ?! Очигледно е дека се работи за уште еден коруптивно менаџиран трансфер на пари и уште еден обид на СДСМ со буџетски пари да спроведува масовен поткуп“, истакна Василевска.