Шпанската влада објави дека ќе побара од парламентот да ја продолжи вонредната состојба за 15 дена, до 7 јуни, поради пандемијата на коронавирус.

Премиерот на социјалистите, Педро Санчез, мораше да го скрати барањето за продолжување на вонредната состојба од еден месец на 15 дена за да добие поддршка од центристичката партија Сиудаданос на гласањето во Претставничкиот дом, каде владата нема апсолутно мнозинство.

„Без вонредна состојба не постои можност да се ограничи движењето на населението, чија жртва тогаш не би имала никаква цел“, рече портпаролот на владата, Марија Хесус Монтреро.

Владата не исклучува дополнителни продолжувања на вонредната состојба со постепено олеснување на мерките планирани по региони до крајот на јуни.

Владата соопшти дека мерките за изолација овозможија пандемијата да биде ставена под контрола.

Во последните 24 часа, 83 лица починале од вирусот, објави шпанското Министерство за здравство. На врвот на епидемијата на почетокот на април, за еден ден имало 950 смртни случаи.

Шпанија е сè уште една од најтешко погодените земји од Ковид-19 во светот, со 27.778 смртни случаи и 232.000 заболени.

И покрај забавувањето на пандемијата во Шпанија, критиките за управувањето со кризата на сметка на владата растат на улиците во Мадрид и другите градови. На протестите понекогаш се собираат и стотици луѓе кои бараат „слобода“ и оставка на Педро Санчез.