Големи промени во Лига на шампиони

9

Конфликтот меѓу УЕФА и најбогатите европски клубови кои сакаа да ја формираат Суперлигата се уште е главна тема во фудбалскиот свет. Целиот конфликт може да доведе до големи промени во Лигата на шампионите, а веќе по медиумите излезе планот на УЕФА за елитното натпреварување во блиска иднина. Во прашање е како ке изгледа Лигата на шампионите во 2027 година.

Според документите кои излегоа во јавноста групите ќе бидат влечени од десет шешири во кои би можело да бидат максимум две екипи од иста земја. Тие би биле направени според коефициентите на клубовите, а другиот дел од клубовите учесници ќе бидат познати преку квалификации. Со ждрепка ќе биде одлучено кои ќе бидат дел од четирите групи во кои ќе има по десет клуба кои сите ќе играат меѓусебно само по еднаш. Двете најдобри екипи од секоја група ќе изборат осминафинале во ЛШ, а на нив ќе им се придружат и тимовите пласирани од трето до шесто место кои за пласман во осминафинале би разигрувале меѓусебно. Седмо и осмопласираните екипи ќе продолжат во Лигата на Европа.

Едно коло од натпреварувањето ќе се игра надвор од Европа, по градовите ширум светот. Во проекцијата на УЕФА како градови домаќини се наведени Сиднеј, Јоханесбург, Пекинг, Токио, Њу Џерси, Сјудад де Мексико, Рио де Жанеиро… Натпреварите во ЛШ нема да се играат само во вторник и среда туку натпревари би имало и преку викенд. Тие би спаѓале во „Ворлд класик“ серијата, односно натпревари на неутрален терен. Секој клуб ќе има по една таква, заедно со по четири домашни и четири гостински натпревари.