Директорот на Канцеларијата за општ развој на УСАИД во Македонија, Едвард Гонзалес, денеска во Дебар изјави дека Американската агенција во Македонија во изминатите 25 години инвестирала над 610 милиони долари во повеќе сфери.

Тој во изјава за „Макфакс“ вели дека УСАИД и во наредниот период ќе продолжи да финансира проекти во Македонија за да се создадат нови работни места, да се зајакнат демократските институции и практики, да го подобрат интергираното образование и да ги подготват учениците за современиот пазар на труд.

Овие иницијативи во партнерство со граѓаните на Македонија имаат за цел да го подобрат квалитетот на живеење во Македонија. Директорот Гонзалес во Дебар имаше средба со градоначалникот Ружди Лата и престојуваше на спортската активност во рамките на УСАИД проектот ,,Унапредување социјалната кохезија во Македонија“ што се одржа во деветолетката „Саид Најдени“ со учество и на ученици од деветолетката „Браство единство“.