Многу е добро што прашањето за името е високо на агендата и се надеваме дека може да се создаде позитивен моментум, вели заменик-генералниот секретар на НАТО, Роуз Готмелер, во интервју за грчката телевизија Скај, јави дописникот на МИА од Атина.

Во однос на членството на Македонија во Северно-атлантската алијанса, таа ја споменува неодамнешната посета на генералниот секретар Јенс Столтенберг на Скопје и ставот дека „треба да се оди напред во преговорите во рамките на ОН, на еден директен начин, работејќи со амбасадорот Нимиц, да се најде решение што јасно ќе им одговара на сите страни“.

– Ние внимателно следиме, многу е интересно колку темата е високо на агендата, бидејќи тоа е нешто што е многу добро. Знам дека неколку години беше тргнато настрана. Според тоа, ние се надеваме дека може да се создаде еден моментум, на позитивен начин, истакна Готмелер во интервјуто за емисијата „Историес“ на грчката телевизија Скај.

Говорејќи за преговорите и споменувајќи го нејзиното лично искуство како преговарач, вели дека не може да се знае кон што водат, станува збор за бавни и тешки процеси, некогаш има два чекора назад, еден чекор напред, „но продолжуваш да одиш напред и да бараш решение“.

Заменичката на Столтенберг, на прашањето дали постои план Б во случај да нема договор до јулскиот самит, вели дека НАТО е посветено на политиката на отворени врати, а тоа се однесува не само на Македонија, туку и на сите земји што сакаат да станат членки.

– Мислам дека она што би требало да го знаат вашите гледачи е дека што се однесува до НАТО, одлуките од Самитот од Букурешт, кои сега, во 2018 се веќе 10 години стари, навистина ја даваат сликата дека вратата е отворена. Ние сме фокусирани само на ПЈРМ, објаснува заменик-генералниот секретар на НАТО и вели дека земјите би требало да имаат можност самите да ги одберат нивните безбедносни односи.

Токму ова, Роуз Готмелер го споменува и во однос на анализите дека се зголемува руското влијание во регионот. Вели дека не постои никаква контрадикција меѓу земја што има добри односи со НАТО, а во исто време и добри односи со Москва, а како пример ја споменува нејзината посета на Белград.