Во противпожарната станица во Автокоманда беше одбележан 20 Мај – Денот на пожарникарството. Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, им го честита Денот на пожарникарството и им упати огромна благодарност за посветеноста и пожртвуваноста што ја покажуваат вршејќи ја својата благородна професија.

„Градот Скопје континуирано вложува во опремување и модернизација на Противпожарната бригада. Минатата година обезбедивме нови изолациони дишни апарати, униформи и чевли што ги задоволуваат сите стандарди за безбедност, а обновена е и противпожарната опрема со нови црева и арматури. Заменета е 35 години старата аналогна телефонска централа со современа нова дигитална централа“, рече Шилегов.

Тој додаде дека во текот на оваа година се очекува да стигне и новата противпожарна скала што е набавена, а во план е и набавка и на три нови противпожарни возила.

„Бригадата за противпожарна заштита од минатата година е побогата за нови 29 пожарникари, а работиме и на тоа да обезбедиме нови вработувања во противпожарната бригада и годинава, иако овој процес заради изборите и епидемијата на коронавирусот е побавен. Со сите овие чекори го зголемуваме капацитетот на бригадата, а истовремено се доближуваме и до исполнување на европските стандарди согласно кои пропорцијата треба да биде еден пожарникар на 1.500 жители“, кажа Шилегов.