Обвинителството, во завршниот збор на 3 октомври, побара Судот да ја прогласи Јанкулоска за виновна за злоупотреба на службената должност и овластувања, како и да ги намири трошоците заедно со Поповски и Груевски во висина од 313 илјади денари.

Обвинителката Фатиме Фетаи во завршниот збор наведе дека од изнесените докази јасно се гледа дека Јанкулоска го поттикнала Поповски да набави блиндирано возило за МВР и тоа да му се даде на користење на премиерот Груевски.

Обвинетата Гордана Јанкуловска во завршниот збор рече дека додека траела постапката таа требало да се грижи за неколкумесечно бебе, како и дека била изложена на медиумски линч со објавување делови од незаконско стекнатите аудиоразговори.

Во „Тенк“ претходно беа осудени поранешниот премиер Никола Груевски на две години казна затвор и поранешниот помошник-министер во МВР, Ѓоко Поповски, на 6,6 години затвор, за набавка на блиндирано моторно возило „мерцедес С 600 гард“ во вредност од 600 илјади евра.