„Охридска банка“ (дел од групацијата „Шпаркассе“) за првите три месеци солидно ги зголеми нето приходите од провизии и надоместоци, ги одржа исти нето приходите од камати, а успеа да ги намали најзначајните ставки во трошковната структура

И „Охридска банка“ на ниво! Зголемена добивка за првите три месеци во споредба со истиот период лани. Резултатот е за 8,6 отсто подобар од лани благодарејќи на тоа што банката ја задржа пазарната позиција во делот на нето приходи од камати и успеа да ги зголеми нето приходите од надоместоци и провизии. При тоа го компензираше растот на средствата за резервации со намалувањето на трошоците за вработени, за амортизација и на останатите расходи од дејноста.

Нето приходите од камати за првите три месеци изнесуваат 4,35 милиони евра и се речиси на идентично ниво како и истиот период 2020 година. Солиден раст банката оствари од нето приходите од провизии и надоместоци кои генерираа нето 1,46 милиони евра, што е за 15 отсто подобро од лани.

Нето приходите од курсни разлики се речиси 450.000 евра и се значајна приходна ставка иако се за 13 отсто пониски од лани. Од останати приходи дејноста банката генерира околу 95.000 евра што е двојно повеќе од лани.

Резервациите за првите три месеци пораснале за 286.000 евра и достигнале износ од 1,57 милиони евра. Но тоа е компензирано со намалување на трошоците за вработени, амортизацијата и намалување на останатите расходи од дејноста на кои банката заштедила 236.000 евра.

Добивката за првите три месеци изнесува 1,4 милиони евра и тоа е за повеќе од 100.000 евра подобар резултат од првото тромесечје лани.

Од билансот на состојба издвојуваме: нивото на кредитирање е непроменето и изнесува речиси половина милијарда евра. Вложувањата во државни хартии од вредност се намалени за 5 милиони евра и изнесуваат 33,5 милиони евра. Вредноста на депозитите е незначително намалена и на крај на март изнесува 470,3 милиони евра.

Субординираните обврски на „Охридска банка“ на крај на март изнесуваат 30 милиони евра и бележат мало зголемување во однос на крај на 2020 година, а обврските по кредити се намалени за 3 отсто и изнесуваат 78,9 милиони евра.