Во 17 ч., тогаш обично си одиме дома ние од приватниот сектор, каде што нè има многу различни, ама во суштина тоа сме ние што не спаѓаме во категоријата „јал не јал – три и пол“. Ние што немаме загарантирана плата ако не работиме. Фирмите во коишто работиме го полнат буџетот од кој вие ја земате вашата неприкосновена, загарантирана плата. Се сеќавате, ви остана недопрена и во време на карантините кога ние сами си ги учевме децата по дома, додека паралелно работевме полно работно време, сеедно од која локација. Имаше секакви случаи тогаш во приватниот сектор, многумина останаа без работа, на други им беше намалена платата, некои се консолидираа, други не. За среќа, вашата плата, како и платата на преостанатите административци за кои „работам од дома“ значеше „не работам“, остана недопрена. Не се сеќавам дека тогаш зборувавте за солидарност.

Вратете ги учениците во клупите, со скратени часови или скратена втора смена, и излезете во 17. Тогаш ќе ве поддржам, без оглед што сте одбиле 10% покачување како да живеете во паралелен универзум, а не во време на глобална економска и енергетска криза (која, да, и нас од приватниот сектор нè погодува). Луѓето на кои им го доверуваме образованието на нашите деца заслужуваат да се солидно платени и со љубов да ја работат професијата што треба да е благородна. Ќе ве поддржам зашто се надевам дека така ќе им давате доволно вода на децата во бебешките групи и нема да ви биде тешко почесто да им ги менувате пелените. Се надевам дека ќе видам барем минимум грижа за какво-таквото образование на генерациите кои последниве две години се за греота – хоумскулинг, онлајн часови, скратени часови, задоцнета школска година, продолжен распуст, штрајк…

Уште повеќе ќе ве поддржам ако видам дека навистина сте обединети и се борите за подобро образование и за достоинство на професијата, а тоа, драги мои, не значи само поголема плата. Нека крене рака тој што не е вработен во градинка или училиште благодарение на партиска книшка. Ќе ве поддржам кога ќе видам дека не ви е важно кој е на власт за да ги испорачате своите барања и кога за образованието нема да се дискутира само на политичка база (како ланските „дискусии“ за дигитализацијата од која имате уплав иако сте бар 10 години зад светот). Кога ќе побарате од сите функционери, избрани, именувани и определени, да се откажат од службени картици, патни трошоци за до Месечината, огромни хонорари за секоја комисија и тело во кое дигаат рака како што добиле инструкции. Ќе ве поддржам кога ќе кренете глас против прекубројната и неодржлива администрација во која на секои двајца што работат има уште 10 што ги потпираат ѕидовите. Истата таа партизирана администрација што ниедна власт досега не смогна храброст да ја реформира… јер гласачка машинерија. Некому можеби му одговара образовните работници да бидат само продолжение на таа јавна администрација/гласачка машинерија, меѓутоа тоа не е баш достоинствено.

Ете толку е постот.

 

Преземено од ФБ – Бисерка Велковски Блажева