Изградбата на експресниот пат Штип-Крупиште е во завршна фаза и се очекува да биде пуштен во сообраќај кон крајот на месец јуни оваа година, истакнаа министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов при денешниот увид во градежните работи.

Инвестицијата е вредна 20,2 милиони евра, а ова е првата фаза од експресниот пат од Штип до Кочани кој се очекува целосно да се изгради за една година.

„Министерството за транспорт и врски е сериозно фокусирано на реализација на сите проекти планирани за оваа година. Се наоѓаме сред силна градежна сезона, која очекуваме уште повеќе да се интензивира во следниов период. Во делот на патната инфраструктура градежните работи се одвиваат со силно темпо. Само во овој момент се рехабилитираат преку 150 километри патишта, веќе следниот месец завршуваат тендерските постапки за рехабилитација на околу 80 километри регионална патна мрежа. Исто така активно работиме на изградба на преку дваесет водоводи и канализации, започнавме со изградба на три нови социјални згради, а железничкото поврзување кон Бугарија и гасификацијата остануваат примарни проекти на Владата“, изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов истакна дека интензивно и во континуитет се работи на сите проекти започнати во текот на изминатата година.

„Овој експресен пат од Штип до Крупиште ќе биде завршен во јуни и ќе биде првиот поголем пат пуштен во употреба оваа година, со што ќе обезбедиме безбедна, модерна и сигурна врска со Источниот регион. Исто така континуирано се работи и на останатиот дел од Крупиште до Кочани. Во меѓувреме работиме и на сите рехабилитации започнати во текот на есента 2019 година. До крајот на мај месец ќе бидат објавени уште 15 јавни повици за рехабилитација и реконструкција на патната мрежа низ цела држава. Исто така сакам да истакнам дека без прекин се работи на модернизација на мостовите и санација на појавените свлечишта,“ изјави директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов.

Китанов додаде дека патната инфраструктура на Истокот, делот на Малешевијата беше целосно рехабилитиран во текот на 2019 година, а во тек се градежни работи на делот од Крупиште до Пробиштип кој треба да биде завршен во септември оваа година.

Градоначалникот на општина Штип, Благој Бочварски истакна дека изградбата на новиот експресен пат е од особено значење за економски развој и унапредување на целиот Источен регион и ќе придонесе за побрз и побезбеден транспорт и подобар живот на граѓаните.