АД ЕСМ во соработка со синдикалната организација на компанијата и Синдикатот на РЕК „Битола“ испрати хуманитарна помош за Дебар. Подготвени се 1.000 пакети со неопходни прехранбени производи и производи за лична хигиена. Во секој од пакетите има по 25 килограми брашно, шест шишиња зејтин, 6 килограми шеќер, шест пакетчиња макарони, 20 ролни тоалетна хартија, по две заштитни маски и средства за дезинфенција на рацете. Вкупната вредност на хуманитарниот конвој изнесува речиси 3 милиони денари.

„Во овие кризни времиња, кои нè потсетија колку се скапоцени животот и здравјето на секој од нас, АД ЕСМ се надева дека хуманитарната пратка ќе ги ублажи последиците од кризната состојба во Дебар и Центар Жупа. Во Дебар е седиштето на нашата хидроцентрала ‘Шпилје’ и чувствуваме и морална одговорност да помогнеме. Општествената одговорност на АД ЕСМ многупати досега била потврдена, а со овој гест ги охрабруваме и другите компании, државни и приватни, секоја во рамките на своите можности, да помогнат онаму каде што сметаат дека има потреба“, изјави генералниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, при испраќањето на хуманитарната помош, која тргна од Битола.

Помошта во Дебар ќе ја преземе градоначалникот Хекуран Дука, кој раководи со оперативниот кризен штаб за градот.