Заборава Пендаровски дека тие не го негираат својот тероризам

117

Кога вели претседателот Пендаровски дека “терминот тероризам е претежок”, јас навистина не знам што му е идејата, а не знам ниту што му се случува овие денови.

Имено, да не сака да ми каже дека треба националистичката елита да се награди со амнестија, или можеби да се награди со “излез на чистина”? Или можеби сака да каже и тоа дека не е проблем што ги колонизираа академиите, универзитетите и читанките? Од нивната колонизација во најважните институции – денес секоја реформа е тешка, мачна и на граница на неизводливост.

Да и’ помогнеме на таа елита уште еднаш да ја дорастури земјава на парчиња, очигледно Груевски не беше доволен, па можеби сакаме уште?

Заборава Пендаровски дека тие не го негираат својот тероризам затоа што не знаат дека со упадот во Собранието се случи тероризам, туку го негираат и релативизираат затоа што знаат дека тоа беше тероризам. Тука е клучната разлика.

И трагедијата да биде уште поголема, СИТЕ знаевме дека упадот во Собранието е терористички акт. Само идејата е сега како ќе се испере десницата пред Европската унија.

Пендаровски треба да знае дека Мицковци ќе ја повторуваат пропагандната матрица: додека злосторството трае, ние лажеме за злосторството за да биде возможно. Отакако злосторството ќе се направи, ние ќе лажеме затоа што така ќе ја браниме нашата невиност, ќе тврдиме дека во злосторството не само што не учествуваме, туку за злосторството не бевме ниту свесни. Меѓутоа, како што погоре реков: за злосторството СИТЕ знаевме.

На крај, да бидам совршено јасен. Не постои колективна вина. Ниту еден човек заради своето припаѓање на еден народ не е виновен за злосторството што припадниците на неговиот народ го направиле. Потоа, пак, кога ќе се впушти човек во релативизација или негирање на тие злосторства, тој, своеволно и при полна свест, станува соучесник со нив.

 

Пишува: Ненад Јовановиќ