Управата за хидрометеоролошки работи го потпиша договорот за јавниот оглас „ Услуги за модификација на време со авионско засејување“, со што започнува и реализацијата на заштитата од временски непогоди (град) со авионско засејување на облаците.
Денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, заедно со директорот на Управата за хидрометеоролошки работи Ивица Тодоровски, на спортскиот аеродром Стенковец, присуствуваа на првиот пробен лет на авионите коишто ќе вршат засејување на облаците.

„Со овој модерен систем на заштита од град ќе придонесеме да не се повторуваат штетите на земјоделското производство предизвикани од временски непогоди и ќе го заштитиме трудот на земјоделците. Овој начин на заштита е еден од најсовремените, неколкукратно поекономичен од старите ракетни системи, најмногу поради фактот што преку авионското засејување, растворот кој делува превентивно на формирање на град се нанесува директно на критичната облачна маса“, изјави министерот Димковски.

Вредноста на проектот за авионско засејување на облаците е околу 60 милиони денари, кои се обезбедени преку Програмата за рурален развој. Директорот на УХМР, Тодоровски посочи дека оваа метода вклучува засејување на градонoсните облаци со реагенси, односно со сребрен јодид.

„Откако редарските центри на УХМР ќе ја детектираат нестабилната воздушна маса во која се создава градот, јавуваат до економскиот оператор и тој треба во најбрзо време и на најквалитетен начин да изврши засејување на воздушните маси со сребрен јодид “- изјави директорот Ивица Тодоровски.

Засејувањето на облакoт е засновано на концептот на „корисна конкуренција“ што значи дека зрната град што се формираат во рамките на засејаниот облачен волумен ќе бидат со помали димензии.
Авионското засејување на облаците за заштита од град ќе се спроведува на целата територија на нашата држава. Со овој модерен систем на заштита од град ќе се придонесе за заштита на земјоделското производство од временски непогоди, и намалување на сумата којашто изминатите години се издвојува за за исплата на обештетувања.