Здруженија кои бараат преиспитување на случаите за кои тврдат дека се политички монтирани ќе можат непречено да прибираат документи и докази од државни институции. Потоа, нив ќе може да ги употребат за евентуално повторување на судските случаи.

Со заклучок од последната владина седница се реафирмира овој механизам кој веќе постои во законската регулатива. Ќе се формира и работна група која ќе го следи постапувањето на институциите по барањата за пристап до ваква документација. Екс-разузнавачот Слободан Богоевски посочи пример од негов случај со кој вели дека се покажува колку МВР, предводено од минатата власт, ги газело законите.

„Барањата, односно предлозите за примена на посебни истражни мерки во сите тие случаи се потпишувани од многу лица меѓу кои едно од барањата е потпишано од некој си Владимир Варелов. Да ве потсетам тоа е лажниот идентитет на Горан Грујовски, пребеганиот во Грција. И кога би бил Грујовски тој, сепак тој не е овластен како раководител на таканаречената Управа за оперативна техника или Петтата управа да поднесува предлози до обвинителството, тој е техничко лице“, изјави Слободан Богоевски – Комитет за заштита на правата.