Врз основа на уредбата за примена на Законот за локална самоуправа за време на вонредната состојба, градоначалничката на Општина Битола м-р Наташа Петровска побара свикување на вонредна седница на Советот на Општина Битола со предлог точка на дневен ред:

1.   Донесување на Одлука за доделување на донација на финансиски средства на ЈЗУ Центар за јавно здравје Битола, потребни за адаптација и доопремување на микробиолошката лабораторија за молекуларна дијагностика на КОВИД-19.
Со адаптацијата и опремувањето на лабораторијата, ќе се овозможи тестирање за детекција на присуство на корона вирусот во молекуларната микробиолошка лабораторија во Битола, со што би биле задоволени потребите на општината и Југозападниот регион на државата. На овој начин би се добило побрзо тестирање од досегашното, бидејќи сите тестови се работат во Скопје. Ги јакнеме капацитетите и за сегашно време и за идни потенцијални слични ситуации.