Претседателот Реџеп Таип Ердоган ја води Турција во бездна, оценува главниот негов ривал на претстојните претседателски избори Мухарем Инче. Според него, тоа го покажува и сегашниот рекорден пад на вредноста на лирата.

Претседателскиот кандидат на главната турска опозициска партија вели дека Ердоган тоа го прави не само со неговата идеолошка политика, туку и решеноста да ја контролира Централната банка.

Мухарем Инче кој се обидува да стави крај на власта на Ердоган на изборите во следниот месец оценува дека Централната банка и другите економски институции мора да можат да работат независно.

Ердоган деновиве изјави дека планира да преземе поголема контрола врз економијата по претседателските и парламентарните избори на 24 јуни.

Ваквите негови најави доведоа до рекорден пад на вредноста на лирата.

Таа само годинава е намалена за 15 насто во однос на доларот.

Победникот на изборите во наредниот месец, што ќе се одржат под воена состојба, наметната по неуспешниот државен удар во 2016 година, има нови извршни овластувања.

Тие му се овозможени откако Турците тесно ја одобрија реконструкцијата на Уставот на референдумот во минатата година.

Овие измени стапуваат на сила по гласањето во јуни.

„Постои нов устав, кој му ја дава извршната власт на една личност. Ова ќе се случи за прв пат. Затоа, ако му ја дадеме на Ердоган, можеби изборите потоа ќе станат безначајни. Затоа не смееме да му ја предадеме. Ниту на еден смртник не треба да му се даде таков авторитет. На никој не треба да му се даде, ниту на мене, секако“.

Педесет и четири годишниот Инче, жесток пратеник и поранешен наставник по физика, ја зацврсти неговата секуларистичка опозициска Републиканска народна партија откако започна кампања и се јавува како водечки кандидат на опозиција.

„Гледам ветер на промени на моите митинзи. Јас бев на многу митинзи во изминатите години, без разлика дали за време на референдумот или претходно. Кога го споредувам моментот од тие митинзи со тековните, тоа е сосема поинаку, постои импонзантен ветар, а луѓето чувствуваат возбуда“.

Инаку, најавите на Ердоган ги зголеми страхувањата во врска со финансиската стабилност на Турција.

Ердоган, кој сам за себе вели дека е „непријател на каматните стапки“, сака да ги намали трошоците за позајмување за да го зголеми растот на кредитите.

Тоа пак, според експертите, може да ја зголеми инфлацијата во земјата.