Новите тензии во источен Ерусалим би можеле да ги расипат односите на Израел со арапскиот свет. Политичарите кои се залагаат за нормализацијата на односите на нивните земји со Израел може да се најдат под притисок.

Улични борби, запалени барикади, над 300 повредени, меѓу нив и луѓе кои се борат за живот. Сликите од новите судири помеѓу Палестинците и израелските безбедносни сили делуваат тегобно познато.

Па сепак, последните сцени на насилство по повеќемесечен релативен мир во основа се разликуваат од претходните судири – тие ги потврдуваат песимистичките прогнози дека неодамнешното приближување на Израел со некои арапски држави нема да придонесе за деескалација на блискоисточниот конфликт.

Израел минатата година склучи договори за нормализација на односите со низа арапски држави – Обединети Арапски Емирати (ОАЕ), Бахреин, Мароко и Судан. Шефовите на држави или влади на арапски земји кои ставија потпис на т.н. Abraham accords својот потпис го правдаа, меѓу другото, со надежта за деескалација на конфликтот на Блискиот Исток.

Повеќе: Немири во Ерусалим

Така, на пример, принцот престолонаследник на Абу Даби, Мохамед бин Саид Ал Нахјан, во август минатата година рече дека во телефонски разговор со тогашниот американски претседател Доналд Трамп и израелскиот премиер Бенајмин Нетанјаху постигнал согласност за запирање на натамошната израелска анексија на палестински територии.