Италијанската фудбалска федерација (ФИГЦ) потврди дека целиот фудбал на „чизмата“, вклучувајќи ја и Серија А ќе остане „суспендиран“ барем до 14 јуни.

Денеска, клубовите започнаа со тимски тренинзи, а Лега Серија А планираше да се започне со натпревари на 13 јуни, меѓутоа италијанскиот премиер Џузепе Конте објави дека сите спортски натпреварувања остануваат суспендирани барем до 14 јуни.

Ова е последна „сопка“ во обидот на федерацијата и на Лега Серија А да ја вратат лигата што е можно побргу, откако претходно влегоа во конфликт со владата околу медицинскиот протокол кој треба да се почитува за да се врати спортот.

Италијанската влада инсистира дека ако има еден позитивен случај меѓу фудбалерите и членовите на тимот, цел клуб ќе мора да оди во 15-дневен карантин, за разлика од германскиот модел кој се користи во Бундеслигата, каде што има само изолација за позитивниот случај, додека другите само се тестираат.