Прв пат за корона вирусите слушнав во 1999. Нивното лукавство пред сѐ се состои од огромната должина и сложеност на нивниот РНК геном. РНК е многу понестабилен од ДНК и затоа РНК вирусите се обично кратки. Приближно ги мериме во килобази (кб) податоци. Полио има само 7кб, грипот до 14, а еболата 19.
Тешкиот акутен респираторен синдром на корона вирусот 2 (Sars-CoV-2), кој е и предизвикувач на Ковид-19, има 30кб. Тоа е сосем нормално за корона вирусот, но е близу до хемиската граница за складирање информации за РНК – приближно онолку колку што ланецот РНК може да издржи а да не пропадне. Затоа на вирусите им се потребни добри трикови за да преживеат. Се сеќавам дека ме фасцинираа „псевдочворовите“ и „лизгавите секвенци“ на РНК, кои овозможуваат геномот на вирусот да се чита на два начина истовремено; вирусот може да ја регулира експресијата на различните гени во согласност со начинот на кој тие се читаат.
На виролозите им е потребно повеќе од паметни трикови: потребни им се и пари. Пред дваесет години никој не финансираше истражување на корона вирусот. Во 1999, вирусот на птичји бронхитис беше единствениот познат патоген на корона вирусот. Од него се плашеа само фармерите, бидејќи тој вирус го убива добитокот но не се пренесува на луѓето. Луѓето може да се заразат со извесен број прилично неопасни корона вируси, како што се OC43 и HKU1, кои предизвикуваат „обична настинка“. Лекарите најчесто не прават тестови за тие вируси – ви тече носот, па што.
Во 2002, кога изби САРС, немавме ефикасна вакцина за ниту еден корона вирус. Немавме ниту лекови против нив и многу малку се знаеше за тоа како предизвикуваат болест, како и за диманиката на нивното пренесување. САРС уби 774 лица или околу 10 проценти од инфицираните. Дополнително сфативме дека било среќа што епидемијата на САРС во 2002/3 беше така сурова: беше лесно да се откријат заразените, да се изолираат и да се лечат најдобро можно. Настапи краток, интензивен налет на финансирање, кој брзо се намали заедно со вирусот. Во 2012 се појави нов, многу патоген корона вирус кој предизвикуваше Блискоисточен респираторен синдром (Mers). Како и САРС, дојде до нас од лилјците, но за разлика од САРС, уби 30% од заразените лица (вкупно 858), но не се пренесуваше лесно од човек на човек. Ковид-19 е подмолен бидејќи најголе дел од заразените имаат благи симптоми. Кашлате, ве боли грло, можеби имате температура – па што.
Како што рече американскиот министер за здравство во 2006: „Сѐ што ќе кажеме пред избивање на пандемијата е паничење; сѐ што ќе кажеме после тоа е неадекватно“. Кинеските власти, наспроти сите несомнени грешки, воведоа рационални мерки за да го зауздаат ширењето на вирусот на неговот извор во Вухан. Затворени се јавниот сообраќај, училиштата, сите големи собири. Познатите случаи се изолирани, испитано е со кого биле во допир и воведен е карантин. За помалку од две недели изградени се огромни нови болници. Наспроти високата цена набавени се кислород и респиратори. Распореден ширум земјата, здравствениот персонал работеше прекувремено. Одбивање работа не доаѓаше во предвид.
Јужна Кореја покажува што треба да прави земја со средна големина со демократско уредување. Тие брзо ја зголемија количината на тестирањето, ѝ објаснија на јавноста како се спроведува самоизолација, ги забранија големите собири., ги ограничија патувањата и го зголемија капацитетот на болниците. За тоа наменија 30 милијарди вони (19 милијарди фунти). Главната стратегија беше брзо и ефикасно тестирање. Откривањето и изолирањето на благите случаи го забавува ширењето на болеста и го намалува бројот на жители кои ќе се заразат. „Општественото дистанцирање – намалување на допирот меѓу луѓето- може да се постигне со затворање на училиштата, универзитетите, јавнит превоз итн., и може да го намали ширењето на неоткриени благи случаи. На тој начин се избегнуваат приближно 20% тешки случаи кои бараат болничко лечење и 5% критични случаи кои бараат интензивна нега пристигаат во болница истовремено или во краток временски период. Тогаш средстата не се оптеретени и можат да бидат спасени животи.
Што е со сиромашните земји? Неколку случаи се пријавени во супсахарска Африка. Тука постои инфраструктура за контрола на пандемиите на грип, чија намена може да се прилагоди на тестирање на Sars-CoV-2. Но не е реално да се очекува од земја како Малави да ги подигне мерките на заштита на нивото на Јужна Кореја. Во овој миг тестот е скап и бара комплицирани апарати како и обучен персонал. Во Велика Британија, а секако и во други земји, се работи на развивање тест кој секој би можел да го направи сам. Но дури и на прототпи ќе мораме да чекаме неколку месеци. Земјите со низок и среден доход ќе мораат да го зголемат „социјалното дистанцирање“, кое значајно го отежнува животот.
Руперт Бејл
Авторот ја води клиничката група на институтот Франсис Крик.
Текстот е објавен во London Review of Books.