Конечно во Македонија ќе има сериозно производство на пилешко месо за кое со години се одлеваа милионски суми за увоз. Конзорциумот „Интернационал Фреш Фуд“, составен од домашни и странски инвеститори влегува во бројлерско производство со амбициозен бизнис план и изградба на фарми, кланици и хали низ цела држава. Во период од 4 – 5 години планираат да произведуваат 12,5 милиони бројлери годишно и со тоа да се заокружи нивниот среднорочен план.
– Се започна со влезот и проширувањето на КФЦ во балканските земји. Потребите на КФЦ за пилешко месо се големи и тие побараа регионален добавувач и регионален партнер. Со оглед на тоа дека и од претходно знаевме дека во нашата земја има недостаток на пилешко производство ни се роди идејата за инвестиција во бројлерско производство. Се работи за многу голема инвестиција и заедно со партнерите од нашата држава и од странство донесовме одлука за реализација на идејата – вели Арбен Абдурахмани, познат и почитуван наш стопанственик чија последна инвестиција, како дел од конзорциумот, ја раздвижува економијата на цел еден регион.
Во Крива Паланка се работи за инвестиција во репроцентар за живина и бројлерско производство на пилиња. Во целина, се состои од реконструкција на постоечки и изградба на нови објекти за бројлерско производство, инкубаторска станица и објекти за сместување на родителско јато и сето тоа ќе се одвива во фази.
-Идејата е да се реактивира нешто што пред многу години беше во функција. Многу често при носењето на одлуки за инвестиција не се водите само од бизнис логика и математики, понекогаш има и други фактори кои се круцијални. Еден од тие фактори се луѓето и опкружувањето каде се стопанисува. Во случајов, упорноста, искреноста и безрезервната подршка на поранешниот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство господинот Љупчо Николовски беше одлучувачкиот чинител за инвестиција во Крива Паланка. Покрај тоа, пријателскиот настап на локалното население и постоењето на соодветна работна сила за вршење на ваква дејност е исто така еден од факторите кои влијаеја на нашата одлука. Сето ова влијаеше да ги забрзаме активностите и да ја реализираме инвестицијата побргу од планираното и да започнеме со припрема на објектите – вели за Агротим, Абдурахмани.
Стратегиите за развој на земјоделството како и подршката и погодностите за развој на земјоделството и воопшто руралниот развој кои се обезбедени од страна на Владата на РСМ беа еден од поттикнувачките фактори за носење на одлуката за целокупната инвестиција. Во моментов инвестицијата е на конзорциумот.
-Да, во моментов целата инвестиција е на компанијата. Да бидам попрецизен, се работи за групна инвестиција од неколку домашни и странски инвеститори со обезбедени сопствени финансиски средства. Во иднина, ја оставаме можноста од користење на некои од фондовите кои се достапни во државата. Се работи за современ капацитет со најмодерна опрема. Целиот комплекс ќе биде согласно највисоките ЕУ стандарди во однос на заштитата на животната средина, здравствената заштита и благосостојбата на животните како и заштиата и безбедноста при работа. Покрај тоа, целокупното производство ќе ги исполнува и посебните стандарди на КФЦ, кои се и повисоки од тие кои ги налагаат стандардите и легислативата на ЕУ – потенцира Абдурахмани.
Нивните планови се производство на живинско месо наменето за внатрешен и надворешен пазар во еден целосно заокружен систем од производство на еднодневно пиле до конфекционирано свежо пилешко месо доставено до крајниот потрошувач. Тоа значи, производство на јајца за инкубација, ведење на пилиња, одгледување и тов на пилиња, колење и расекување, пакување и дистрибуција до крајниот потрошувач.
-Се работи за производство на 12,5 милиони бројлери годишно. За таа намена, во изминатиов период ние обезбедувавме земјиште за изградба на објекти за одгледување на бројлери низ целата држава (Охрид, Струга, Кичево, Гостивар, Тетово, Скопје, Кочани, Штип, Радовиш,). Во атарот на Свети Николе обезбедено е земјиште за изградба на објект за производство на храна за исхрана на пилињата со капацитет за производство од 55.000 тони годишно. Покрај тоа, обезбедено е земјиште и во општина Врапчиште каде е предвидено изградба на објект за колење и расекување на живина со капацитет на колење од 6.000,00 пилиња на час. Се работи за кланица со најсовремена технологија и истата ќе ги исполнува највисоките стандарди на ЕУ од областа на безбедноста на храната, како и и посебните стандарди на КФЦ, кои се и повисоки од тие кои ги налагаат стандардите и легислативата на ЕУ. Целата инвестиција ќе се одвива во неколку фази и планирано е целосно да се заокружи во рок од 5 години – вели Абдурахмани и додада дека за почеток ќе се одгледуваат и пласираат по 20 – 30 000 пилиња неделно.
-Имаме договор за снабдување со носителот на франшизата на КФЦ кој и самиот е дел од заедничката група на инвеститори. За почеток почнуваме со одгледување и пласман на 20-30 илјади пилиња неделно пред се наменето за внатрешниот пазар и за извоз во регионот. По изградбата на кланицата, планиран е извоз во ЕУ земји, меѓутоа и надвор од ЕУ. Согласно планираното во период од 4 – 5 години треба да ја постигнеме бројката од производство на 12,5 милиони бројлери годишно и со тоа да се заокружи среднорочниот план. Тоа претставува интензивно производство со производство на 30.000 пилиња дневно.
Го прашавме, што значи оваа инвестиција за стопанството за локалниот и руралниот развој и крајно за вкупното домашно производство на храна?
-Како што знаете, ние произведуваме конзумни јајца и производи од пилешко и говедско месо. Оваа инвестиција е природно заокружување на нашето производство во областа на живинарството. Со оглед на тоа дека се работи за инвестиции во рурални средини, очекувањата се дека ќе влијае позитивно на руралниот развој, пред се со директни и индиректни вработувања и ангажман на некаде од околу 3000 работници од руралните средини. Се надеваме дека потребата од храна за исхрана на живината и загарантираниот пласман ќе ги поттикне локалните земјоделски производители да го зголемат производството на зрнести земјоделски култури. Република Северна Македонија е нето увозник на живинско месо така да некаде од околу 95% од потребите ги задоволува од увоз. Со производство на домашно живинско месо, ќе се обезбеди пласман на свежо разладено пилешко месо кое ги исполнува најстрогите критериуми за безбедност и квалитет на храна. Со ова, се надеваме дека овој процент ќе се намали а со време и ќе можеме да извезуваме во земјите потписнички на ЦЕФТА договорот, во ЕУ земји, меѓутоа и надвор од ЕУ – изјави Абдурахмани.
Со оглед на актуелната состојба со корона вирусот и кризата која е неминовна во стопанството, земјоделското, сточарското производство е најсигурен бизнис. Ова го потврдува и Арбен Абдурахмани, кој долги години е во агросекторот и точно ги знае предностите на инвестициите во овој сектор.
-Дефинитивно претставува еден од најсигурните бизниси. Можеме да се откажеме од многу работи ама мора да јадеме. Имањето на што е можно повеќе сопствено производство на храна е многу важно за секоја држава. Кризата со пандемијата на корона вирусот го покажа тоа. Создавањето на што поповолни услови за земјоделско -сточарското производство треба да биде императив на секоја Влада. Овде, би сакал да истакнам дека од самиот почеток на реализацијата на инвестицијата ја имавме безрезервната подршка на сите институции како од централната така и од локалната власт. Земјоделството е еден од најважните фактори за сигурноста и безбедноста на секое општество. Без доволно производство на храна и условеноста од увоз секое општество го прави ранливо. Во време на вакви глобални кризи недостатокот на храна само може да ја влоши состојбата. Затоа се вклучуваме и преку наша општествена одговорност да и помогнеме на државата побрзо да излеземе од кризата која е на светско ниво – заклучува Абдурахмани.