Основниот кривичен суд Скопје информира дека вработен во судската писарница, а за кого биле објавени информации дека е позитивен на Ковид-19, веднаш бил тестиран за коронавирус и дека резултатот е негативен.
„Посочениот колега веднаш беше упатен на тестирање и по добиените резултати истиот е НЕГАТИВЕН НА ВИРУСОТ, за што до управата на судот е доставен и резултатот од тестирањето.
Како суд апелираме до медиумите и сите останати субјекти кои лиферуваат информации на порталите и социјалните мрежи за судот, да ги проверуваат информациите пред нивно објавување. Судот се залага за транспарентно и отчетно работење и има одлична соработка со поголем дел од медиумите. Но, потребно е да се напомене дека секоја непроверена и неточна информација освен што наштетува на угледот на институцијата може негативно да се одрази и на некои недолжни колеги или граѓани, како во овој случај.
Досега неколку пати ја информиравме јавноста дека како суд строго се придржуваме до препораките за заштита од вирусот. Судниците и судските простории редовно се дезинфицираат, на вработените и странките кои влегуваат во судот им се мери температурата со бесконтактни уреди, секој е должен да носи заштитна маска и ракавици, се одржува растојание на присутните во судниците, канцелариите и писарниците, а сите вработени кои се хронично болни, самохрани родители или чуваат дете помало од 10 години се ослободени од работа.
До овој момент ниту еден вработен не пријавил дека имал контакт со заболен и дека му е дадена препорака за самоизолација, а доколку некој пријави дека е позитивен на вирусот, судот ќе ги преземе сите мерки согласно напатствијата на здравствените власти“, се наведува во соопштението од судот.