Доколку легендарниот Ники Лауда бил на чело на Ред Бул, ќе ги натерал Макс Верстапен и Даниел Рикиардо да платат за штетата предизвикана од инцидентот меѓу нив во Баку.

Двајцата пилоти водеа битка на трасата во текот на 39 круга, а за несреќата е тешко да се обвинува само еден од нив. Во 39-та обиколка, Рикиардо беше на сантиметри зад автомобилот на Холанѓанецот и влезе под неговите задни пневматици со предното крило. Тешко беше да се процени дали Верстапен сопрел порано во свиокот или Рикардо изгуби тракција и му блокираа гумите, но и двајцата отпаднаа, а при оваа глетка, шефот на тимот, Кристијан Хорнер едноставно ги загуби нервите.

Инцидентот и битката меѓу двајцата тимски колеги потсетија на оној меѓу Луис Хамилтон и Нико Розберг, а за очекување беше Лауда да биде прашан за ситуацијата и како тој би се справил со тоа.

– Јас би ги повикал во канцеларија со Тото Волф, а потоа ќе им објаснев колку пари ќе дадат за штетата што ја направиле. Ние неколку пати дискутиравме за такво нешто кога Нико и Луис ни правеа проблеми, категоричен е легендарниот пилот.

Австриецот верува дека Верстапен има повеќе вина за елиминацијата на Ред бул во Баку.

– Тоа е трагедија и ние еднаш поминувавме низ тоа. Вината на Макс е 70 отсто, а на Рикиардо – 30 отсто, рече Лауда.

Шефот на Мерцедес, Тото Волф изјави дека со два такви брзи и амбициозни пилоти, ризикот за несреќи не е мал.

– Треба да се потсетат дека надвор од самата трка, луѓе работат 24/7 за да им обезбедат најдобри можни автомобили. Но тие мора да внимаваат да не го изгубат тој предаторски темперамент на своите пилоти, изјави Волф.