Француската министерка за спорт, Роксана Марасинеану призна дека поради зголемениот број на случаи на коронавирусот, вториот тениски гренд слем од сезоната, популарниот Ролан Гарос најверојатно ќе биде откажан.

Франција во саботата го започна третиот национален „локдаун“, а претседателот Емануел Макрон изјави дека очекува тој да трае до средината на мај. Ролан Гарос е закажан од 23 мај до 6 јуни, а недела претходно треба да започнат квалификациите. Минатата година гренд слемот на земја беше одложен од пролет во есен поради пандемијата.

„Преговараме со Француската тениска федерација за можно поместување на датумот со можност за враќање на спортските натпреварувања. Но, сепак, главната цел е да се намалат ризиците од кластери за ширење на вирусот, така што и откажувањето е сосема веројатно“, изјави Марасинеану.

Франција во петокот имаше 46.677 нови случаи и 304 смртни случаи.