Министерството за транспорт и врски денеска преку соопштение категорично се оградува од секаква активност и вклученост поврзана со информациите дека вчера за време на свеченото отворање на автопатот Демир Капија-Смоквица била организирана музичка забава.

„Сакаме да ве информираме дека ниту Министерството за транспорт и врски ниту друга државна институција не е организатор на каква било забава“, се наведува во краткото соопштение.

Колку за потсетување, вчера на социјалните мрежи и во дел од порталите се појави видео на кое може да се види дека плех-музика влезе во еден од тунелите и заедно со дел од присутните со чочек го минуваа тунелот.

Сепак, во денешното соопштение Министерството за транспорт и врски се оградува од организацијата на ваквата веселба и оттаму истакнуваат дека се одговорна и транспарентна институција, чија единствена цел е да обезбеди квалитетни услуги во рамките на своите надлежности.

Автопатот Демир Капија-Смоквица, кој се градеше 6 години, вчера беше пуштен со свеченост на која присуствуваа многубројни гости и претставници на владата. Во врска со изградбата на овој автопат, истрага отвори специјалното јавно обвинителство.

Во меѓувреме, грчката компанија Актор која ја градеше автопатската делница од Демир Капија до Смоквица реагираше на видеото кое се појави на социјалните мрежи на кое се гледа како со трубачи и чочеци во тунел беше прославено отворањето на делницата.

Од Актор за Либертас изјавиле дека тие ја организирале прославата во тунелот, вон протоколот и се извинуваат ако била погрешно разбрана.

Инаку, автопатската делница Демир Капија – Смоквица е целосно завршена и од денеска ќе биде пуштена во сообраќај за секаков вид на возила.