Наполи се бори за влез во Лигата на шампионите и во завршните кола ќе води жестока битка за топ четири пласман во Серија А, но истовремено, клубот од Неапол веќе крои планови и за наредната натпреварувачка сезона во која по се изгледа, Џенаро Гатузо и натаму ќе биде тренер на првиот тим.

„Тутоспорт“ денеска направи една најава за првите потези кои планира да ги преземе клубот во преодниот рок, според која спортскиот директор Џунтоли подготвува терен за замени на Никола Максимовиќ и Фаузли Гулам. Угледниот весник потенцира дека таргетирани се двајца фудбалери, од кои еден е македонски репрезентативец кој игра фантастична сезона во Премиер лигата.

Прв на листата е Вушковиќ од Хајдук Сплит, додека за позицијата лев бек, избран е Езџан Алиоски на кого му завршува договорот со Лидс Јунајтед по крајот на оваа сезона.

Иако Лидс засега ги одложува преговорите за негов нов договор, Марсело Биелса константно го игра македонскиот фудбалер како стартер и со тоа само докажува колку верува во него, но „Тутоспорт“ потенцира дека Наполи е навистина загреан за него, и големи се шансите да видиме двајца Македонци во ист италијански тим наредната сезона.

Претходно, Александар Трајковски и Илија Несторовски беа двајцата Македонци кои играа заедно во Палермо, па доколку Џани пристигне во Наполи ова лето, ќе стане соиграч на Елиф Елмас кој втора сезона е дел од тимот на Гатузо.