Заради овозможување непречен природен мрест на рибите и зачувување на рибниот фонд, на Дебарско Езеро во тек е забрана за риболов на клен и скобал (скобуст).

– Во согласност со одлуката на Федерацијата на рибари на Република Северна Македонија во нашето езерото во тек е забрана за риболов и тоа на скобал што ќе трае до 15-ти овој месец, како и на клен која е воведена на 1 и ќе трае до 31 мај – изјави за МИА Дритан Боцку, претседател на Спортското риболовно друштво „Трофта“, кое е концесионер на езерото.

Од 15 мај па се до 30 јуни ќе има забрана за лов на крап и на црна мрена.

– Забраната за вршење на рекреативен риболов во риболовните води е востановена секоја година во овој период, заради непречен природен мрест на овој вид риба. Нашата рибочуврска служба постојано е во обиколка на езерото. Наша цел како концеионер е да го заштитите рибниот фонд на Дебарско Езеро,кое порано беше познато по богатиот и разновиден рибен фонф, кој што за жал во изминатите години беше опустошен – посочува Боцку.

Во овој период дозволен е риболов на плашица и на пастрмка.