Европската унија ја поздравува посветеноста на Зaпаден Балкан на европските вредности и принципи и визијата за силна стабилна и обединета Европа. Повикувајќи се на Солунскиот самит во 2003 година, се потврдува недвосмислена поддршка за европска перспектива на регионот, се вели во последната верзија на декаларацијата што ќе биде усвоена на Самитот ЕУ-Западен Балкан, кој се одржува утре во Софија.
Поврзаност во транспортот, енергијата и дигиталната инфраструктура, образованието и други аспекти е тема на sамитот, на кој ќе присустува македонска владина делегација, предводена од премиерот Зоран Заев, јави известувачот на МИА од Софија.

На Самитот, што се одржува во организација на бугарското претседателство со ЕУ, ќе присуствуваат лидерите на државите-членки на Унијата и од регионот.
Со самитот ќе претседава претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, кој ќе ја претставува ЕУ, заедно со претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер.
Премиерот Заев во придружба на вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров ќе учествуваат во активностите на официјалната агенда на Самитот на 17 мај.

Во документот се истакнува дека ЕУ е одлучна за интензивирање на ангажманот на сите нивоа за да поттикне политичка, економска и социјална трансформација на регионот со поголема помош врз основа на видлив напредок во владеењто на правото и социјалните и економски реформи.

ЕУ ја поздравува определеноста на партнерите од регионот за демократија и владеење на правото, особено во борбата против корупцијата и почитување на правата на човекот и правата на малцинствата.
Во нацрт документот се додава дека ЕУ ги поддржува заложбите на партнерите од Западен Балкан да продолжат со работа на усогласување на добрососедските односи, регионалната стабилност и взаемната соработка.
Во нацрт заклучоците посебен акцент се става и на создавање нови можности за младите кои ќе придонесат за социо-економскиот развој на Западен Балкан.

Во нацрт декларацијата што се уште се усогласува се вели дека изградбата на „густа мрежа врски и прилики“ во регионот и со ЕУ, е од суштинска важност за приближување на граѓаните и економијата и јакнење на политичката стабилност, економски просперитет и културен и општествен развој.
ЕУ ќе им помага на државите од регионот за развој на дигиталната економија и еколошките друштва во согласност со Парискиот договор.

Унијата ја поздравува определбата на партнерите од регионот да ја забрзаат имплементација на правните текови во рамки на Енергетска заедница и транспортна заедница, да ги укинат бариери на границите…
Во нацрт декларацијата се укажува дека партнерите од Западен Балкан делат многу безбедносни предизвици што бараат координирана акција и дека борбата против тероризмот и екстремизмот бараат засилена соработка.

Се истакнува дека ЕУ и партнерите од Западен Балкан се свесни дека резултатите од борбата против корупцијата и организираниот криминал се клучни за политичката и економската трансформација и за регионална стабилност и безбедност и во најдобар интерес за граѓаните.

Кога станува збор за забрзување на унапредување на животот на граќаните, ЕУ покренува Софиска приоритетна агенда за ЕУ и за Западен Балкан, што претставува дополнение за декларацијата. ЕУ ја поздравува намерата Хрватска да биде домаќин на самит ЕУ-Западен Балкан за време на претседавањето со Унијата во првата половина од 2020 година.
Јасна порака до Западен Балкан, ЕУ упати од Самитот во Солун пред 15 години дека сака државите од регионот да бидат членки. Досега тоа го искористи само Хрватска, која по шест години преговори во 2013 година стана членка на Европската унија.

Останатите држави се во различни фази на патот кон ЕУ и сега регионот е на високо ниво на агендата на Унијата.
Самитот во Софија треба да ја потврди посветеноста на ЕУ кон партнерите од Заден Балкан и дека регионот припаѓа кон европското семејство.

Македонија е кандидат за членство во ЕУ од 2005 година, а минатиот месец доби чиста препорака од ЕК за почеток на преговорите и земјата се надевам дека на Самитот на Унијата во јули ќе добие датум за почеток на преговорите.

Србија во 2012 година стана кандидат за членство и веќе почна преговорите, Црна Гора е кандидат од 2010 година и во јуни 2012 година почна пристапни преговори.
Албанија е кандидат од 2014 година. Европската комисија во минатомесечните извештаи за напредокот, освен за Македонија порепорача отворање преговори и со Албанија.
Најдалеку од членство во моментот се БиХ и Косово. Договорот за стабилизација и асоцијација со БиХ стапи во сила во 2015 година, а со Косово во 2016 година.