Минатата недела НАСА спроведе симулација на удар од астероид на Земјата, а резултатите не се баш охрабрувачки, пренесе Business Insider. Се покажа дека научниците не успеаја да пронајдат начин со чија помош би го спречиле ударот, а единствено решение e евакуација на населението од подрачјето на кое му се заканува удар од астероидот.

Симулиран е удар од астероид на Земјата, како и начини на кои би можеле да се одбраниме од него. Резултатите од тестот не се охрабрувачки за човештвото бидејќи се покажа дека во рок од 6 месеци откако е откриен астероидот па до неговиот удар на Земјата, научниците не успеаја да пронајдат друго решение освен евакуација.

Симулацијата во која учествуваат повеќе научници траеше четири дена, при што на првиот ден од експериментот научниците забележаа дотогаш непознат астероид којшто го нарекоа 2021PDC.

Следниот ден, по внимателна анализа на патеката на движење, заклучено е дека астероидот ќе удри на Земјата и тоа некаде на подрачјето на Европа и Северна Африка.

Тогаш научниците почнале да размислуваат за начини на одбрана, еден од предлозите било испраќање вселенски брод кој би се обидел да го уништи астероидот или да го тргне од патеката на движење. Заклучено е дека со моменталните можности и технологии едноставно нема доволно време за толку сложена мисија.

Се размислувало и за користење на нуклеарно оружје, но и таквата одбрана не би била ефикасна.

На третиот ден од симулацијата научниците од експериментот добиле нова прогноза за местото на ударот, заклучено е дека астероидот би можел да удри некаде околу Германија и Австрија, а ударот ќе ослободи голема количина енергија како при експлозија на голема нуклеарна бомба.

Со оглед на тоа дека никаква одбрана не е возможна, единствено решение била евакуација на населението со надеж дека астероидот ќе направи што помала штета, пишува Science Alert.