Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение со предлог за продолжување на мерката притвор против две лица за убиството на Никола Саздовски.

На обвинетите им се става на товар дека заеднички и на свиреп начин го убиле Саздовски. Убиството се случи на 29 јуни на автобуска постојка во Автокоманда.

„Обвинетите на 29 јуни околу 17.45 часот на бул. Александар Македонски во Скопје, на автобуската постојка пред фабриката Алкалоид, му пристапиле на оштетениот и му побарале лична карта. Откако оштетениот им ја покажал личната карта, обвинетите неочекувано започнале заедно истовремено да го удираат со боксови во пределот на главата и градите. Од силните удари оштетениот загубил рамнотежа, паднал на тротоарот, по што обвинетите без милост, истовремено и со силни удари продолжиле со клоци да го удираат по главата и градите“, се наведува во обвинението.

Од ударите, Никола се здобил со тешки телесни повреди и западнал во коматозна состојба. Тој бил пренесен во ургентниот центар при Клиничкиот центар Мајка Тереза. Истиот ден бил пренесен во Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување каде на 9 јули почина, а лекарите констатирале мозочна смрт.

Поради опасност од бегство и оправдан страв дека може да влијаат на сведоците, обвинител предложи на двете обвинети лица да им биде продолжен притворот. Од Обвинителството наведуваат дека во текот на истражната постапка обвинетите биле испитани и дале своја одбрана.

Против третото осомничено лице, за кое обвинителството исто така водеше истражна постапка за истото кривично дело како соизвршител заедно со двајцата сега обвинети, е прекината истражната постапка. „Со оглед на тоа што трето осомничениот се уште е недостапен на државните органи, за ова лице за кое е распишана домашна и меѓународна потерница, истражната постапка ќе продолжи во моментот кога ќе биде достапно на државните органи“, велат од Обвинителството.