„Македоника литера“ неодамна го објави романот „Павел, душко моја“ од современиот руски писател Алексеј Варламов, во превод од руски јазик на Ленче Тосева.

Павел Непомилуев е седумнаесетгодишно, наивно, искрно, мечтателно момче, израснато во советски дух, кој искрено верува во идеите на социјализмот. Израснат во затворен стратешки град некаде во Сибир, Павел доаѓа во Москва за да се запише на филолошкиот факултет, иако е целосно нефилолошки по карактер и по менталитет. Знаењето за упис не е доволно, но со интервенција на некои сили тој успева да се запише на саканиот факултет. Но наместо на предавања тој завршува во државна колективна фарма за собирање компири…

„Павел, душо моја“, што всушност е репликана на стихови на Пушкин, е искрена романса, роман за растењето, за првото вљубување, за првото сексуално искуство, за првата голема средба со реалниот живот, за храброста да се преиспитаат сопствените верувања и да се бранат пред другите. Тој е збунет поглед на советската реалност низ очите на некој кој верувал во идиличниот и среќен живот од плакатите. Но не е носталгија за СССР, туку повеќе приказна за руското минато и предупредување за иднината. Тој е интрига, но мошне интересна.

Алексеј Варламов (1963) е руски прозаист, филолог, автор на неколку биографии на писатели и на романи, и универзитетски професор. Негови најпознати романи се „Менталниот волк“ (2014) и „Павел, душо моја“ (2018). Добитник е на петнаесетина книжевни награди, меѓу кои: „Александар Солженицин“, „Голема книга (Бољшаја книга)“ за „Менталниот волк“ и за „Алексеј Толстој“, како и на наградите „Октомври“ и „Студентски Букер“. Според неговиот роман „Менталниот волк“ снимен е игран филм.

Роден е во 1963 година во Москва. Дипломирал на филолошкиот факултет на Московскиот државен универзитет Ломоносов. Одбранил магистерски труд и докторска дисертација („Животот како творештво во дневникот и прозата на Пришвин“). Професор е на Московскиот државен универзитет, предава руска книжевност од почетокот на XX век и во исто време води креативен семинар во Институтот за литература „А. М. Горки“. Член е на Сојузот на руските писатели (од 1993 година). Држел предавања за руската литература на универзитети во Европа и во САД. Бил визитинг-професор на Универзитетот во Ајова (САД, 1998).

Како прозаист дебитирал со расказот „Лебарки“ во списанието „Октомври“ (1987). Првата книга „Куќа во Остожје“ е објавена во 1990 година. Романот „Лох“ и повеста „Раѓање“ (списание „Нови мир“, 1995 година) му донесоа слава на авторот, кој победи на конкурсот „Антибукер“. Романот „Единаесетти септември“ наиде на контроверзни критики. Во 2014 година беше објавен романот „Менталниот волк“ (време на дејството 1914 – 1918), кој авторот го нарече „личен обид да се проговори за сребреното доба“. Го сметаат за еден од најдобрите стилисти во новата руска литература.

Редовен автор е на познатата руска биографска серија „Животите на најзначајните луѓе“. Во серијата А. Варламов објави книги за Михаил Пришвин, Александар Грин, Алексеј Толстој, Григориј Распутин, Михаил Булгаков, Андреј Платонов, Василиј Шукшин.

Негови дела се преведувани на неколку јазици. Овој роман е првото дело на Варламов објавено во Македонија.