Во Косово од денеска стапува во сила новата, трета, фаза на постепено олеснување на мерките воведени со цел справување со епидемијата на ковид-19, јави дописникот на МИА од Приштина.
Меѓу мерките кои ги објави синоќа косовската Влада во оставка, е отворањето на неколку земски гранични премини, меѓу кои и оној со Северна Македонија кај Генерал Јанковиќ (Блаце), при што се пропишани процедури кои треба да ги испочитуваат лицата кои влегуваат во Косово.
– Се отвораат граничните премини Мердаре, Врмица, Кула, Генерал Јанковиќ, Јариње и Бела Земја. Сите лица кои влегуваат на територијата на Република Косово се обврзуваат да ги извршат прегледите од страна на Главните центри на семејна медицина (ЌКМФ) на граничните премини и да ги спроведат заштитните мерки против ковид-19. Сите лица кои влегуваат на територијата на Република Косово и поседуваат негативен резултат од тестот на ковид-19 (не постар од четири дена) не подлегнуваат на процедурата на самоизолација. Тие кои не поседуваат ваков тест се задолжуваат да се самоизолираат седум дена – се вели во синоќешната одлука на Владата во Приштина.
Според истата, предвидено е до 20 јуни да се изврши нова проценка на епидемиолошката ситуација во врска со влегувањето на граѓаните во Косово, а ќе се следи ситуацијата и ќе се оценува можноста за отворање на сите земски гранични премини и на аеродромите, како и за одржување прослави, отворање на бањите, на саеми, базени и ноќни клубови.
Во оваа фаза на олеснување на мерките во Косово ќе се отворат угостителските објекти, кината, театрите и другите културни установи, се отвора градскиот и меѓуградскиот сообраќај и такси службата, факултетите ќе ги одржуваат испитите, а средните училишта ќе ги организираат матурските тестирања. Предвидено е и селективно отворање на спортските активности.
Во сите случаи остануваат во сила одредени ограничувања, пред сѐ, обврската за почитување на препораките на здравствените власти, како одржувањето на физичката дистанца и преземањето други заштитни мерки.