Прилепскиот Основен суд им изрече мерка за претпазливост, и им ги одзеде патните исправи на поранешниот градоначалник Марјан Ристески и пет други лица, од кои 4 во неговиот мандат вработени во Локалната Самоуправа.

Сите мора еднаш неделно да се пријавуваат во Судот од каде појаснуваат дека мерката е поврзана со истражната постапка што се води по кривичната пријава за злоупотреба на службената положба и овластување поради сомнежи за местење тендери за зимско одржување на градот.

Портпаролот на Основниот суд судијата Жарко Велески, изјави дека мерката за претпазливост е изречена за сите осомничени што вклучува одземање на патните исправи а тоа е сторено на барање на прилепското основно јавно обвинителство.Поднесена била жалба на оваа мерка и наскоро Кривичниот совет на Основниот суд требало да се произнесе по жалбата.

На 13-тти април прилепската полиција поднесе кривична пријава за злоупотреба на службената должност и овластување против поранешниот градоначалник на Прилеп Марјан Ристески, но и уште против четири лица, со иницијали И.К. (63), Љ.М. (58), И.Ч. (67), Б.Н. (54), а против едно лице, со иницијали М.С. (59) за злоупотреба на постапка за јавен повик.

Кривично е пријавена и фирмата „Пела Транс“ ДООЕЛ од прилепското село Мажучиште, а во врска со кривично дело „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“.

Сите пријавени овозможиле фирмата „Пела Транс ДООЕЛ“ да се стекне со противправна имотна корист, по склучени Договори за јавни набавки за зимското одржување на улиците и патиштата на територијата на општина Прилеп за периодот од 2012 до 2017 година во висина од 77.031.890 денари, пари од буџетот на општината Прилеп.

Истражната постапка е во тек, а се чека и на одлуката на Судот за жалбата на опфатените 5 лица со пријавата на полицијата.