Синоќа Мартин Протуѓер завршил на Ургентен и поради тоа е одложено судењето за случајот „Титаник“ каде тој е еден од обвинетите.

Неговиот адвокат Дончо Наков до судот и до СЈО достави медицинска документација и кажа дека вчера сопругата на Протуѓер го известила, за што рече ако има потреба судот може да провери кај лекарите.

Судијата Осман Шабани го закажа следното рочиште за 24 септември.

На денешното рочиште беа присутни сите останати обвинети.

Покрај Протуѓер во „Титаник“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, чиј шеф на кабинет беше тој, како и екс генералниот секретар на Владата Кирил Божиновски, поранешните министри Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, градоначалникот на Пустец Едмонд Телемко, пратеникот Илија Димовски, како и Билјана Бришкоска Бошковски, Мунир Пепиќ, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.

Во истрагата за овој предмет обвинителите од СЈО сослушале вкупно 191 лице како сведоци, преслушале над 1.000 телефонски разговори и прибрале околу 5.900 докази. Од обвинителството во овој случај покрај осудителна пресуда бараат и конфискација на имот во вредност од околу 140 милиони денари од Груевски, Протуѓер, Димовски и Ристовски.