“Вчерашната одлука на Уставниот суд да го укине Законот за спречување и заштита од дискриминација е силен удар врз нашите долгогодишни напори во заштитата на човековите права на ЛГБТИ луѓето во земјава“  – изјави Антонио Михајлов, Извршен Директор на Здружението за сексуални и родови малцинства СУБВЕРЗИВЕН ФРОНТ Скопје.
“Разочарувачката вест дојде во истиот ден кога ИЛГА-Европа ја рангираше Северна Македонија највисоко досега во годишниот индекс на усвоени закони и политики коишто ги заштитуваат ЛГБТИ луѓето – Rainbow Europe 2020. Боли да се добијат вакви вести кога ние го славиме IDAHOBIT – Меѓународниот ден за борба против хомофобијата, трансфобијата и бифобијата оваа недела – 17 мај, одбележувајќи 30 години откако Светската здравствена организација ја елиминираше хомосексуалноста од листата на болести и нарушувања. Резултатите од најновото ЛГБТИ истражување на Европската агенција за темелни права – FRA покажуваат дека Северна Македонија е рангирана во трите најлоши земји во Европа според квалитетот на животот на ЛГБТИ луѓето. Ние немаме причина да го славиме 17 Мај, туку уште повеќе да го зголемиме притисокот кон новиот состав на Собранието веднаш после изборите, итно да предложат план за усвојување на ефикасна и ефективна правна рамка за заштита од дискриминација“ – вели Михајлов.
Законот за спречување и заштита од дискриминација беше усвоен лани на 16 мај, после непотребно долга процедура во собраниските комисии и после силниот притисок на граѓанските организации од земјава и странство. Законот обезбедуваше професионализација на работата на Комисијата за заштита од дискриминација преку зголемување на нејзината независност и надлежност, експлицитно ја препознаваше дискриминацијата врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет, и ги исполнуваше обврските на државата коишто ги презеде пред меѓународните и регионалните тела за човекови права, вклучувајќи ги Европската унија, Советот на Европа и комитетите на ООН. Уште на самиот почеток, спроведувањето на законот беше испречено пред значителни предизвици, посебно во изборот на составот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, затоа што до денес, Комисијата не е формирана, и со тоа, практично, граѓаните на Република Северна Македонија се оставени без официјално тело за нивна заштита од дискриминација врс сите основи, вклучително и сексуална ориентација и родов идентитет.