Од 235 заболени здравствени работници, 184 се веќе оздравени, соопшти министерот за здравство, Венко Филипче.
„Над 50 здравствени работници од вкупно 70, кои беа заразени во болницата во Куманово, веќе се вратиле на работа. Сите се тестирани, сите имаат два негативни теста во согласност со критериумот, сите одделенија во болницата нормално функционираат. Во контекст на ова, информирам дека од 235 здравствени работници, кои се дијагностицирани од почетокот на епидемијата, 184 се оздравени и повеќето од нив веќе се вратени на своите работни места, што овозможи повеќе институции, во кои работата беше забавена, компромитирана или целосно не беше во функција, целосно да профункционираат, како одделенијата на Детската клиника, Институтот за рехабилитација и болницата во Куманово“, изјави Филипче.
Вкупната бројка на заболени од Ковид-19 од почетокот на епидемијата е 1.518 лица, од кои оздравени се 992, починати 85, а во моментот бројот на активни случаи во земјата изнесува 441 лице.
Министерот истакна дека во текот на утрешниот ден ќе се одржи состанок со директорите од Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ за постепено враќање на работата на клиниките во нормала, но со изменет терк на закажување преку системот „Мој термин“.
Планирано е да се ревидира и измени времетраењето на прегледите за да се избегне метежот во амбулантите, како и задолжително воведување е-амбуланта онаму каде што може и соодветно закажување на снимањата, како на Институтот за рендген така и во другите болници каде што има дијагностички апарати.