Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ја заврши истрагата за настаните од 27-ми април, минатата година.

Како што информираат оттаму, во моментов течат законските рокови во кои осомничените и одбраната можат да ги прегледуваат списите и доказите и евенттуално да бараат од обвинителството собирање на одредени докази.

„Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ја заврши истрагата за настаните од 27 април минатата година и до осомничените и нивната одбрана достави известување за завршување на истражната постапка. Во моментов тече законскиот рок од 15 дена согласно член 302 од Законот за кривична постапка  кога осомничените и одбраната имаат право да ги прегледуваат списите и доказите, да составуваат препис, да поднесуваат исправи или други докази, списи од дејствијата на одбраната или да бараат од обвинителството собирање на определени докази. По истекот на роковите од чл.302  јавниот обвинител во рок од 15 дена ќе донесе соодветна јавнообвинителска одлука“, стои во одговорот на Обвинителството на нашите прашања дали е завршена истрагата за минатогодишните настани во Собранието од 27 април.

Според Законот за кривична постапка рокот во кој јавниот обвинител треба да ги собере доказите што ги предлага одбраната изнесува 30 дена од поднесувањето на барањето.

Ова значи дека, ако се земат во предвид законските рокови, обвинение за насилствата од 27 април може да се очекува најрано во текот на мај или почетокот на јуни оваа година.

Инаку, Врховниот суд утре на јавна седница закажана во 10:30 часот треба да ги разгледува и да одлучува по жалбите на дел од осомничените на кои Апелацискиот суд минатиот месец им ги продолжи притворите.

Дел од адвокатите веќе најавија дека ќе бараат укинување на притворите, бидејќи веќе е завршена истрагата и оти повеќе не постојат основите за определување на ваква мерка, односно опасност од бегство, повторување на делото и влијание на сведоци.

Од Обвинителството пак, на прашање на НОВА дали ќе бараат продолжување на притворите изјавија дека „во однос на изречените мерки за обезбедување на присуство на осомничените лица и за непречено водење на кривичната постапка, надлежниот обвинител останува на претходно дадените предлози“.

Во моментов во затворски притвор се пратениците Крсто Мукоски и Сашо Василевски. Нивните колеги Љубен Арнаудов, Јохан Тарчуловски и пратеникот на Социјалистичката партија, Љупчо Димовски се во куќен притвор, додека пратеничката Жаклина Пешевска на барање на Обвинителството и беше укинат притворот и заменет со мерки за претпазливост.

Меѓу осомничените се во притвор е и поранешниот министер за внатрешни работи и директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков.

Апелација пред околу еден месец им го замени затворскиот притвор со куќен на Богдан Илиевски, Борис Дамовски, пратеникот Љубен Арнаудов, Јамне Ченто, Иван Цветановски – дел од кабинетот на поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски и на Оливер Радулов од УБК.

Од одлуката на Врховниот суд дали ќе ги укине притворите или не, зависи дали на шестмината пратеници ќе им биде овозможено да се бранат од слобода и евентуално да се вратат на работа со Собранието.

Неофицијално, еден од условите на ВМРО-ДПМНЕ за враќање во Собранието, чија работа ја бојкотираат од почетокот на декември, лани, по притворање на пратениците, е комплетирање на нивната пратеничка група.

Неодамна и претседателот на партијата, Христијан Мицкоски изјави оти „се надева и има чувство дека многу брзо математичките и политичките проблеми ќе бидат надминати и ВМРО-ДПМНЕ ќе може да се врати во Собранието“.