Не се продава зрел и скап пармезан на пазар што троши исклучиво урда. Оваа мисла подолго време „зрее“ во мојата глава, а ваквите врнежливи денови создаваат идеални услови инспирацијата да се преточи во зборови, реченици, белешки…

Она што го прави пармезанот скап и вреден за консумирање од страна на уживателите на млечните деликатесни производи е секако процесот на зреење и времето потребно да се произведе квалитетен пармезан. Оттука светот разликува 3 вида пармезан во зависност од времето потребно за зреење – свеж (зрее до година и половина), стар (до 2 години) и многу стар (до 3 години). Најстариот е најскап од причина што се потребни 3 години за да биде произведен во строго контролиран процес од врвни мајстори во млечната индустрија. Овој реномиран италијански производ освен по својот богат вкус, големата нутритивна вредност се разликува и по подолгиот рок на траење во однос останатите млечни производи.

Од друга страна пак, урдата како производ потекнува од релативно сиромашните краишта на југоисточна Европа и се одликува со релативно краток процес на „зреење“ кој трае до 2 дена. Добиениот производ е свеж следните 2 до 3 дена, а препорачливо е да се консумира во рок од 2 недели, по истекот на овој рок е речи си неупотреблив, а во некои случаи може да предизвика и сериозни проблеми со варењето на храната или труење. Заради релативно лесниот и брз процес на производство важи за еден од најевтините млечни производи на пазарот.

Сега да се вратиме на првата реченица од ова мое денешно писание. Овие два млечни производа освен за збогатување на домашната трпеза одлично можат да послужат и за илустрација за вредноста на интелектуалниот труд на македонскиот пазар на трудот.

Зошто на македонскиот интелектуален пазар не се излегува со скап тригодишен пармезан? Многу просто, ќе ти го плукнат и ќе ти го фрлат на земја. Тука никому не му е важно од каков материјал е направен твојот интелектуален производ, колку долг и колку скап бил процесот на созревање на тој производ. Тука е доволно да се има производот сега и во огромни количини.

Овој пазар троши. Троши неквалитет со или без поминат рок на траење, троши и токсични производи. Тука се најмалку битни годините на зреење. Тука не се битни ни мајсторите кои го контролирале процесот на зреење. Тука е битно само да се има производ. Не е важно каков. По кој пат е дојдено до истиот, каков е неговиот состав, дали е безбеден за консумирање – тоа се совршено небитни прашања за просечниот македонски потрошувач на интелектуален труд.

Тука секој што има Фејсбук профил е експерт по односи со јавност, секој што има телевизор се разбира во политика. Секој што макар еднаш шутнал топка се чувствува подготвен да управува со Арсенал, Барса, Интер… менаџер невиден. Ако некогаш си продал кило јаболки, ти си експерт не само во бизнисот, ти ладно можеш да управуваш и со државната економија. Имаш полевано кромид во дворчето, можеш ти и земјоделие да тераш.

Троши овој пазар „експерти“ по право, економија, политички науки, социологија и што ли уште не масовно. Ги има насекаде, на Фејсбук, на телевизија, по весници, па дури и на раководни позиции во државната управа.

Урда може да произведе секој. Додека има кој да ја троши, нема зима за македонските производители на урда на домашниот интелектуален пазар.
Затоа драги мои, ако случајно сте научиле да произведувате квалитетен пармезан, не се обидуваајте да застанете во редот на овие што продаваат урда наоколу. Тука нема да најдете некој да се фати за џеб и да ви го купи производот, а камо ли достоинствено да ви го плати трудот. Не си го трошете времето.

Светот е доволно голем и сѐ уште се наоѓаат места каде што вашиот пармезан може да се продаде по добра и достоинствена цена. Напредокот на технологијата има уште една добра вест за вас – во 21 век можете да тргувате и он-лајн. Не морате физички да ја менувате локацијата, доволно е само да го смените пазарот. Барем додека не се појави некој што ќе знае да цени и добро да плати. До тогаш – пржени јајца со урда и млад кромид, ммм… превкусно!

 

Пишува: Милутин Ристески