Поранешниот директор на ФБИ, Џејмс Коми, оцени дека Извештајот на Комитетот на Претставничкиот дом на Конгресот на САД за разузнавачки прашања е политички документ.

Имено, во овој извештај се тврди дека не постоел таен договор меѓу Русија и изборниот штаб на Доналд Трамп во врска со претседателските избори од 2016 година. Документот во петокот беше презентиран од страна на пратениците од владејачката, Републиканска партија.

Коми за Ен-Би-Си (NBC) рече дека неговото разбирање на фактите додека Трамп во мај минатата година, не го заменил од позицијата директор на ФБИ, не било во согласност со тврдењата на републиканците дека нема докази за заговор меѓу соработниците на Трамп со Русите. Тој истакнал дека не се согласува ниту со проценката на актуелниот претседател дека истрагата за руското мешање во американските избори е подметната измама.

Коми смета дека има најголема тежина во случајот за руското влијание врз претседателските избори во САД од 2016 година има истрагата која ја води специјалниот советник Роберт Милер.

Поранешниот директор на ФБИ оцени дека работата на Комисијата за разузнавање на Претставничкиот дом на Конгресот на САД се политизира. Претседателот на овој комитет, Девин Нунјес, е критикуван поради тоа што наводно е премногу близок до Белата куќа.