Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија поведе постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторил неколку тешки кражби во повеќе деловни и приватни објекти во Гевгелија, Богданци и Валандово.
Поради сомнеж од бегство судот го прифати предлогот на ЈО и на осомничениот му е определен притвор во траење од осум дена.
– Во временскиот период од 03.01.2020 година до 24.05.2020 година, осомничениот во 12 наврати со умисла преку временски поврзани дејствија повеќекратно извршил кражби. Тој со намера за себе да прибави противправна имотна корист, искористувајќи слични прилики, со провалување влегол во деловни и приватни објекти на 12 оштетени физички и правни лица од Гевгелија, Богданци и Валандово и одземал предмети со намера истите противправно да ги присвои, стои во соопштението од ОЈО.
Делата ги вршел со насилно отворање врати или прозори на приватни и деловни објекти, од кои потоа одземал парични средства и предмети.
Бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, односно дека осомничениот нема да биде достапен на органите на прогонот, а имајќи ја предвид тежината на стореното криивчно дело и запретената казна, јавниот обвинител до судот достави Предлог за определување на мерката притвор за осомниченото лице.
Лицето се терети дека сторил кривичното дело – Тешка кражба од член 236 став 1 точка 1 во врска со член 45 став 1 од Кривичниот законик.