Промоција на романот „Граница“ од академик Луан Старова ќе се одржи во градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во среда (28 март). Овој книжевен настан ќе се случува во спомен-собата на Миладиновци во скопската библиотека, со почеток во 12.00 часот. За најновиот роман на Старова ќе зборува професорката, Елизабета Шелева.
Инаку, романот е шеснаесетта книга од балканска сага на Луан Старова. „Граница“ е значајна книжевна творба за балканските граници, за нивната вплетеност во судбината на луѓето и таа, со својата интимна текстура, сведочи за балканскиот трагизам.
Луан Старова (1941) е еден од најпознатите писатели во Република Македонија. Автор е на 16 романи. Неговте романи се преведени на многу јазици, а за своето книжевно дело е добитник на повеќе престижни домашни и светски награди. Добитник е и на престижното француско признание Командант од редот на уметностите и книжевностите и на еден од најголемите француски ордени – Офицер на националниот ред на легија на честа. Пишува на македонски, на својот мајчин албански јазик и на француски јазик.