Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Русија го гледа Арктик како регион кој е важен за нејзината безбедност.
Тој додаде дека на ракета истрелана од американска подморница кај брегот на Норвешка би ѝ биле потребни 15 минути да стигне до Москва.
Рускиот претседател тоа го изјави во интервјуто за дел од филмот „Путин“ на Андреј Кондрашов, објавено на руските социјални мрежи.
– Ние не се закануваме на никој, но ги користиме предностите кои ги имаме, во овој конкретен случај користејќи ја предноста во територијата, ќе обезбедиме безбедност на Русија и на нејзиниот народ. Имајќи го тоа во вид, арктичкиот регион е исклучително важен за Русија, посочи Путин.
Тој го изнесе тврдењето дека Русија има најмоќна нуклеарна флота и додаде дека американските подморници кои носат ракети во борбена подготвеност се кај брегот на Норвешка.
Путин напомена дека го посетил островот Земјата на Фрањо Јосиф каде, според зборовите на Путин, до неодамна лидерите им зборуваа на странските туристи дека тоа подрачје „некогаш му припаѓаше на Советскиот сојуз“.
– Тоа значи дека не занемарија, иако ние таа територија никому не сме ја препуштиле, рече Путин.
Тој посочи на богатите ресурси на Арктикот.
– Ние сите се сеќаваме дека Ломоносов рече дека богатството на Русија ќе се зголеми благодарение на Сибир. Сега со сигурност можеме да кажеме дека богатството на Русија ќе се зголеми благодарение на Арктикот. Се чини дека таму има се, вели Путин.
Претседателот на Русија, исто така, ја истакна и важноста на заштитата на природата.
– Екологијата на Арктикот е многу кревка и бара многу внимание. Инфраструктурата таму треба да биде еколошки прифатлива, подвлече Путин.