Плоштад Слобода објавува отворен повик за учество во работилница за деца посветена на модернистичката архитектура на Скопје, а поддржана од програмата за култура на Град Скопје. Со вложување на когнитивен напор и преку својата креативност, по посетите на одредени објекти, учесниците ќе се посветат на создавање на нивен коментар, премислување и разбирање на модерното архитектонско наследство на Скопје.

Учеството во предвидените работни сесии ќе им помогне на децата да ги подобрат своите аналитички и уметнички вештини, да споделат меѓусебно знаење и да  стекнат афирмација на своето индивидуално и колективно уметничко изразување, односно да стекнат доверба во себе и во своето лично творештво. Со учество во овој проект, децата вклучени во истиот ќе ја разберат важноста на посветеноста и можноста таа да биде забавна и исполнителна. Работилницата предвидува посета на некои од најинтригантните скопски модернистички објекти, како и креативни работилници кои ќе резултираат со издание за деца. Работилниците ги водат Дивна Пенчиќ, професорка на Архитектонскиот факултет, како и Доротеј Нешовски, визуелен уметник.