Ѕвездата на Ливерпул, Мохамед Салах ја доби наградата за најдобар фудбалер на месецот во Премиер лигата, откако во февруари реализира четири гола и забележа две асистенции во три натпревари за првенството. Египќанецот ја освои наградата по втор пат откако беше победник во ноември.
– Моите соиграчи и менаџерот ги прават работите полесни за мене. Пријатно е да ја освојам оваа награда по втор пат. Тоа е добро, но јас секогаш се стремам прво да му помогнам на тимот да освои три поени, за да биде на подобра позиција, прокоментира Салах, кој ја освои наградата во конкуренција на Серхио Агуеро, Еден Азар, Муса Дембеле, Џердан Шакири, Паскал Грос и Глен Мареј.
Тренерот на Брајтон, Крис Хотон, пак ја доби наградата за менаџер на месецот за прв пат во својата кариера. Во февруари, „галебите“ ги победија Вест Хем и Свонси и ремизираа со Стоук Сити.