Самостојниот синдикат на Клиничкиот центар соопшти дека очекува да се реализира ветувањето на СДСМ во изборната кампања за 40 отсто зголемување на платите во јавното здравство, односно по 10 отсто секоја година.

Кандидатот на ДУИ за претседател на Влада, Насер Зибери, посочуваат од Синдикатот, вети плата на медицинските сестри од 600 евра.

– Овие ветувања имаа големо и директно влијание на изборниот резултат. Синдикатот на Клинички центар очекува нивна реализација, а како првично покачување на основната плата од 10 отсто во првата година од мандатот на владеачката коалиција. Временски ограничениот додаток на плата обезбеден со средства од Светска банка не е зголемување на платите во јавното здравство од пет отсто. Зголемувањето на основната плата во јавното здравство се врши исклучиво од буџетски средства, а се исплатува согласно колективен договор. Знаејќи дека изборите се одвиваа во услови на прогласена пандемија, неисполнувањето на ова очекување ќе значи изборна манипулација на гласачкото тело поврзано со здравството или превидени и потценети економски последици предизвикани од пандемијата со Ковид-19, истакнуваат од Синдикатот.

Потенцираат дека за нив навредлив е ставот на најголемата опозициска партија за враќање на медицинскиот кадар со тврдењето дека „пациентите инвестирале во нивно образование, бесплатно ги образувале“.

-Концептот кој во основниот пристап тврди дека на нашето здравство му треба знаење не е нов и во практиката доживеа целосен неуспех, следствено и континуираната медицинска едукација базирана на таквиот концепт. Единствен пристап кој може да доведе до намалување на одливот на докторите и медицинските сестри, како и нивно враќање во јавното здравство е соодветното вреднување на нивниот труд и почитување на нивното достоинство. Политичките чинители не треба да заборават дека вработените во здравството имаат големо влијание во креирањето на јавното мислење, стои во соопштението од Самостојниот синдикат на Клиничкиот центар.