Панцерите најдоа замена за Јоаким Лев. Сегашниот тренер на Баерн Минхен, Ханс-Дитер Флик, ќе биде новиот селектор на Германија и на новата функција ќе седне веднаш по завршување на Европското првенство ова лето. Според најавите, кои треба само да бидат потврдени, Флик се согласил да потпише тригодишен договор како предводник на Панцерите.

Флик има искуство во германската репрезентација. Тој му беше помошник на Лев во периодот од 2006 до 2014 година и може да се пофали дека бил дел од генерацијата која стана светски првак на Мундијалот во Бразил. Сега Флик ќе добие доверба да биде предводник на националниот состав во квалификациите за пласман на Светското првенство во Катар 2022 година.

Стратегот кој се покажа како одличен, во 2019 година го презеде кормилото во Баерн Минхен и за неполни две години успеа да ги освои сите најзначајни трофеи, а сега го одбрани и тронот во Бундеслигата. Иако беше омилен кај навивачите, а и фудбалерите го сакаа, Флик мораше да си замине по конфликтот што го имаше со спортскиот директот Хасан Салихамиџиќ.

На местото на Флик, во Баерн ќе дојде Нагелсман од Лајпциг, додека Ханси се префрла на репрезентативните обврски. Тоа значи дека Флик ќе биде предводникот на Германија за дуелот кој за неколку месеци треба да се игра во Скопје. Македонија изненадувачки ја победи Германија на гости со 2:1 и сега трката за пласман на првите две позиции во групата е многу интересна.