Сиктер преку Стојко, по белиот свет….

1211

Јас не познавам друга држава во светот во која граѓаните вака мирно толерираат врз основа на меѓупартиски договори да може да се постави „рамка„ во која државата „ќе вработи„ илјадници неписмени и полуписмени неработници кои цела декада ќе седат дома и ќе земаат плата, само и само поради лечење на некаков комплекс за „етничка рамноправност„ во институциите на системот, за кој се имаше плодно тло во 2001 година а не сега и дека од тогаш до сега, ние граѓаните заборавивме дека изминаа цели 20 години во кои како држава се сместивме под чадорот на НАТО и на прагот на ЕУ, и дека не ние, ами „силиве„ нема да дозволат ниту Ахмети, ниту Св.Ахмети да може повторно така лесно да испровоцира „конфликт„ од кој ќе изнудува остварување на непринципиелни граѓански права во корист на својата етничка заедница а на штета на сите останати.

И замислете, ако во 2016 година на сето ова гледавме со гадење и осуда и сегашната власт меѓу другото и на ова ги придобиваше симпатиите на народот, сега повторно ја џвакаме тезата според која рамковниве неработници нема повеќе да „лежат„ за плата ами сега ќе „седат„ за плата.

И покрај пародијава преку која се кршат граѓанските и уставни права на сите останати невработени граѓани од сите етнички заедници кои со децении активно бараат работа со своите дипломи а најголемиот дел се иселија, правосудниот систем мува не го лази. Ние упорно не го гледаме фактот што ниту еден политички субјект не се осмели да поведе постапка пред нашиве правосудни органи а потоа и во Стразбур за прашањево околу не/правичноста на рамковниве вработувања т.е повредата на граѓанските права и дискриминацијата која се воведе преку нив. Сите го џвакаме прашањево како да е сочна мастика а гледаме дека е чисто срање кое го нема никаде во остатокот од светот „да седеш дома а да земаш плата„.

Но неее, нам ни е битно да „измериме„ дали Стојко или Заев има поцврст морален и етички суд околу хиерархиската надмоќ и да го отепаме времето препукувајќи се околу прашањето дали принципиелноста и професионалноста треба да ги ставиме под тепих за сметка на меѓупартискиот пазар околу рамковните вработувања кој некој друг претходно го договорил.

Сигурен сум дека преку 90% од 160.000 илјадната административна војска, на прашањето дали е нормално некој да зема плата а да не оди на работа и дали познаваат сличен пример на држава која тоа го овозможила, немајќи одговор ќе оркестрираат напад со најразлични изговори за да ја оправдаат состојбава без да се делат по партиска припадност.

Затоа, ние во меѓувреме по дома ќе си ги вадиме очите околу изнаоѓање начин за тоа како да преживееме до следниот топол оброк.

Кога таа „квалификувана„ багра која е платена за да им каже каква порака испраќаат до народот “околу Стојко состојбава„ нема храброст да им ја каже вистината во лице, тогаш се ќе се најде некоја будала како мене за да и им каже дека на повеќе од 1/3 од граѓаните преку ова им ја испратија пораката „Сиктер преку Стојко, по белиот свет„.

Епа јас, преку Стојко не заминувам…….

 

Пишува: Адвокат Жарко Стеваноски