Сите зборови за љубовта

7

Сите зборови за љубовта
ги изарчивме непотребно
ти и јас
теоретичари
во натпревар еден со друг
кој поубав збор ќе измисли
или на оние изветвените
кој посилен сјај ќе им даде
како на старо сребро
бојата кога му се враќа
ако доволно долго го триеш со сода бикарбона
ете така ги арчевме деновите
во зборување за љубовта
дефинирајќи ја
и’ стававме рамки за убава да биде
како фотографија да е
па ја местевме и разместувавме
поблиску до светлината
за очите, наместо душите да ни се полнат
ти и јас
теоретичари
цели фермани за љубовта напишавме
од убави-поубави
па додавај срциња
и по некоја капка солза
оти да ти се плукнам на љубовта
ако кога е напишана
не е размачкана со тага
и такви писма си разменувавме
ех, како на времето деца дур бевме
со сликички кога се менувавме
и суетите си ги полневме наместо срцата полни да ни бидат
ти и јас
теоретичари
со душите за греота
оти љубовта си ја одминавме
ете, како вир на улица ја прескокнавме
да ја живееме заборавивме
и наместо да ја прегрнеме
длабоко да ја вдишеме
оти можеби и последна во овој живот ни беше
ја искасапивме
со зборови ја запретавме
со фермани ја угушивме
без воздух ја оставивме
за од гордоста пуста да се надишеме
и сами да останеме
секој со своите букви во грлата заглавени
кои не мрдаат сега ниту угоре
ниту удолу одат
за да не’ потсетат оти за љубовта не се говори
ниту пак се пишува
оти глупаци ко нас многу има
без усул што ја арчат
и непотребно ја гнасат
наместо да и’ се радуваат
и да ја слават
секој ден заедно со животот
дур не’ има
дур тука сме

 

Ана Бунтеска