Денес во Скопје започнува Балканскиот младински форум со наслов „Активно младинско учество: поттик преку креативни и иновативни решенија“.

На настанот присуствуваа над 70 претставници од граѓански организации, локални самоуправи и младински работници од регионот на Западен Балкан.

Форумот беше отворен од страна на Кристијан Тимоние, амбасадор на Франција, Саша Богдановиќ, градоначалник на општина Центар, Луфти Хазири, градоначалник на општина Гнилане и член на Управниот одбор на Европската асоцијација за локална демократија (АЛДА), Антоанета Иванова, претставник од Фондот за Западен Балкан (Western Balkans Fund) и Елиска Гертнерова, претставник од ЕУ-делегација.

Балканскиот младински форум се одржува четврта година по ред по претходните форуми во Србија, Босна и Херцеговина и Косово и се организира во рамките на проектот „Балканската регионална платформа за младинско учество и дијалог“, финансиран од ЕУ.

Оваа година проектот е поддржан и од Фондот за Западен Балкан и е прва активност што се реализира со поддршка од овој Фонд создаден за промоција и поддршка на проекти што придонесуваат за поврзување на регионот.

Проектот е имплементиран од АЛДА – Скопје, заедно со седум агенции за локална демократија од Балканот.