Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Р. Македонија, како синдикат кој има голем број на членови во високото образование, со внимание ја следи состојбата на УКИМ во врска со избор на раководство на овој наш најголем и најреномиран Универзитет, соопшти СОНК.

– Секако, со оваа наша реакција, ние воопшто немаме намера да се мешаме во изборите на УКИМ, за што впрочем и немаме такво право како синдикат, но сепак имаме статутарно и морално право да се грижиме за здравјето и безбедноста на нашите членови. Доколку не се сопрат сите активности во врска со изборниот процес на УКИМ, голем број од нашите членови ќе бидат спречени да го дадат својот глас заради донесената Уредба од страна на владата, со која во вонредни услови се ослободуваат од работа хронично болните работници како и родител со деца до 10 годишна возраст. Исто така, во вакви околности е забрането групирање на луѓе, што практично би значело и невозможност да се излезе на гласање за сенатори. Се чини дека е јасна најновата Уредба на владата за замрзнување на изборните активности на УКИМ се до завршување на вонредната состојба во државата – велат од СОНК:

Од таму се вели дека во текот на денот очекуваат изборната комисија при УКИМ да ги стопира и одложи сите свои активности, со што не би ги довеле во опасност по здравјето поголем број нивни членови, како и останатите вработени во УКИМ.

– Во спротивно, ќе имаме основано сомнение дека е направено кривично дело против здравјето и безбедноста на луѓето, како и злоупотреба на службената должност. Сигурни сме дека изборната комисија разумно ќе постапи и дека нема да има продолжување на изборниот процес се до завршување на вонредната состојба – велат од СОНК.